Блекаут

21 December 2015

Добро е да се споделуваат сопствени фотки од протести - и селфи и туѓи

Пак ‪#‎НеСеДише‬ во ‪#‎Скопје‬. Затоа - следниот протест треба да сме помногубројни!

Океј, кога сите што беа вчера на протестот против загадувањето во Скопје би објавиле свое селфи од лице место или фотка на која што се пронашле, веројатно и би се нарушил впечатокот дека беа „само шака луѓе“.

Пред Град Скопје сретнав многу пријатели и познаници, но уште повеќе од нив што не ги сретнав таму ги видов на ретките снимки од настанот вечерта на некои од вестите.

Очекувавме повеќе сограѓани, но во ситуација на „спирала на молкот“ секогаш промената почнува од мало јадро кое одбива да молчи и неправдите не ги прифаќа како „нормални“.

Посрамување на тие што би требало да дојдат но не се појавија преку попување обично не успева, оти директно удира на најчовечката особина - суетата. Затоа мислам дека е подобро кога (како беше она со песните) ...Фејсбук „да го поплавиме“ со позитивни примери на најосновно граѓанско учество, наспроти малограѓанските критизерства од типот ’види ја отишла на протест позерски направила селфи‘ (со цел да се оправда сопствената пасивност). Такво селфи во земја во која министри ти се закануваат дека ќе изгубиш работа заради еден лајк е чин на лична и граѓанска храброст.

И тоа не само на денот на протестот, туку и во деновите после него (како денес), како и во деновите пред следниот протест.


#НеСеДише

Ако не си направивте селфи (како мене - сега ми е криво) побарајте се на фотките или по видеата од настанот што други ги направиле, па постирајте ги нив. На пример од галеријата на Ванчо Џамбаски која е објавена под лиценцата Криејтив комонс, што дава дозвола за споделување под услов да го наведете изворот, односно авторот...

Секако ставајте и линк до изворот ако издвоите посебни фотографии, а и не го заборавајте хаштагот или хаштаговите.

Споделете го статусов ако се согласувате.

08 November 2015

Рисот е едно од ретките преживеани предисториски животни

Рисот е еден од ретките европски животински видови што има „преживеано“ од предисторијата до денес... Тоа што во Македонија сè уште имаме зачувано неколку живи единки е неизмерно богатство не само за државата, туку за планетата.

Препариран рис.

На тоа ме потсети посетата на изложбата за неандерталците во Музејот на Нормандија во Каен, со одлични реконструкции.



Препарирани лав, мамут и рогови од џиновски елен (megaloceros).

Препарирана куна, рунест носорог и рис.
Можеби не може да ги вратиме меѓу нас мамутите, пештерските лавови, џиновските елени и рунестите носорози, но рисовите не се истребени. А ги истребуваме ако им го земаме животниот простор.

Затоа ги поддржувам напорите на Охрид С.О.С., да го зачуваат биодиверзитетот во ‪‎Македонија‬, и препорачувам да ги споделувате нивните содржини што е можно повеќе, како на Фејсбук така и на Твитер.

Прв чекор во борбата против узурпацијата на нашите национални паркови, како Маврово и Галичица, е да се зборува повеќе за тоа.

Ве молиме, не ги пипајте животните!

16 September 2015

Зошто има многу млади мажи меѓу бегалците од Сирија?

„Вратете ги нашите синови!“ - се сеќавате на протестите на мајките од Македонија кои не даваа нивните деца да бидат регрутирани во ЈНА за да ги водат војните на Милошевиќ?

Одамна беше, кон 1990 година, голем број на корисниците на Фејсбук од Македонија не беа ни родени тогаш. И не знаат што значи другар ти од маало да биде заглавен во Вуковар, на пример.

Прашајте се ако сте се родиле случајно во Сирија дали би сакале вие или вашиот син да биде регрутиран во армијата водена од диктаторот Асад, или пак да биде регрутиран од „Исламската држава“, или пак да биде регрутиран од некоја од десетиците други паравоените формации што владеат со делови од Сирија?

Една од теориите на заговор кои се дел од пропагандата против бегалците е дака меѓу нив има многу млади мажи на возраст која е најпогодна за воена служба, па спремаат некаква си инвазија.

И кога таквиот млад маж би бегал од присилна регрутација, дали би останал во бегалски камп во соседна земја која е на некој начин инволвирана во конфликтите, каде во најголем дел владее и локална диктатура и каде бегалските кампови се на дофат на горенаведените, или би се обидувал да отиде на побезбедно место..? Ми изгледа логично што одат во Западна Европа каде што животот не им е загрозен и имаат какви-такви шанси на други полиња.

02 July 2015

Дали Скопје 2014 укажува дека востанијатата од XIX век не успеале поради дефект на оружјето?

Со Скопје 2014 навистина сè е можно. Еве видете на пример како му клапнал пиштолот на Димитар Поп-Георгиев Беровски од барељефот „со соборците“ под еден од лавовите на мостот „Гоце Делчев“ - најблискиот до поштата.

Скопје 2014 го скрнави споменот на херојот преку приказ со омлитавен пиштол.
Син ми претпоставуваше дека ако пукне со ваков пиштол, куршумот ќе му отиде во земја. Додека јас, со моето скромно познавање од областа на воена техника, мислам дека би му експлодирал во рака.

Немам чуено до сега дека излиена бронза се топи сама од себе како сладолед, па дури и на жешките температури карактеристични за скопските лета. Бронзени споменици биле дигани и на многу пожешки и посончеви места, без да се искривоколчи нивното значење поради фушерај. Можеби има нешто во сомневањето на босанскиот уметник Дамир Никшиќ, кој во оваа репортажа за Скопје укажува дека под слојот на бронза можеби се користеле и некои други материјали.



29 May 2015

Хитлер ја објаснува неговата архитектонска визија во април 1945 г.

Делче од филмот „Падот на Хитлер" во кое фирерот ја објаснува визијата преку целосно архитектонско и „уметничко" преуредување на Берлин да влијае на народот.

Повеќе информации за нацистичката уметност: Уметност_на_Третиот_Рајх

...и Хитлеровиот план да го преуреди Берлин „Welthauptstadt_Germania

Генијалната изведба на Бруно Ганц: Downfall (2004).


 
„Значи, Шпеер, има и предности бомбардирањево на нашите градови.“


Полесно се расчистуваат урнатините, отколку самите да ги уништиме.

Кога ќе ја добиеме војната, изградбата ќе оди брзо.

Поминавме илјадници часови со овие прекрасни нацрти.

Вие сте голем гениј, Шпеер.

Сепак, само јас и вие знаеме дека Третиот Рајх е незамислив...

...ако има само стоковни куќи и фабрики, облакодери и хотели.

Овој Трет Рајх ќе биде ризница на уметност и култура.


...која ќе трае илјадници години.
 
Ги гледаме античките градови пред нас, Акрополот...


Градовите на средновековието. Нивните катедрали.
И знаеме дека на луѓето им треба нешто такво.
Да, Шпеер...

Тоа беше мојата визија.

И уште ме држи!

Какви се тие „панел-дискусии“ со по еден учесник?

Убавините на вмровскиот новоговор:

Во нормалниот свет, панел-дискусија (анг. panel-discussion) е кога неколку панелисти дискутираат на дадена тема, како во слободарскиот камп пред Влада.

Пример за панел-дискусија, одржана на 25.05.2015. на тема
„Каква Македонија сакаме по излезот од политичката криза?“ 
Фото: Ванчо Џамбаски

 Во контра-кампот пред Собрание, под „панел дискусија“ подразбираат кога еден говорник им држи говор на присутните „чувари на демократијата“.

Новокомпонирана „панел-дискусија“,
со еден учесник, 28.05.2015.
 Целиот пропаганден пристап на контрапротестите организирани од владеачката партија е исклучително интересен. Ги копираат и извртуваат активностите на граѓанските протести. Почнувајќи од дизајнот на логото, што беше плагијат на лого објавено од поддржувач на протестите, до поставувањето камп, организирање копија на активностите, дури и дизајнот на распоредите... Изгледа забегано, но изгледа поентата е да се збуни народот, па тогаш забеганиот да му остане на збунетиот.

12 May 2015

#Протестирам против полициска бруталност, не против полицајците како луѓе или полицијата како професија

Женски учеснички на протестот на 6 мај 2015 г. со жив ѕид ја штитат полицијата
од провокатори,  спречувајќи ескалација на насилство. Фото: Meta.mk.


Кога протестирам, не протестирам „за“ или „против“ некоја категорија луѓе: Македонци, Албанци, Бошњаци, Срби, Власи.., вмровци, сдсмовци, пожарникари, полицајци, твитерџии, кондураџии...

‪#‎Протестирам‬ затоа што мислам дека не смее во власта да седат криминалци и да ја користат позицијата и моќта за прикривање и вршење злосторства.

Затоа и оние што протестираат против полициска бруталност (општествена појава) ги бранат  и полицајците (луѓето, нивни браќа и сестри).

(Колку од „големите“ „патриоти“ што ги клеветат протестите го изложиле своето тело, своето здравје и живот да заштитат било кој друг? Насилниците-провокатори фрлаа со стаклени шишиња, некои од луѓето од живиот ѕид беа повредени од удар во глава, во око.)

Сакам Македонија да биде нормална држава во која е нормално да се спроведе истрага кога и најмоќниот е фатен во криминал, а не феудален пашалак во кој мафијашката врхушка од „незаменливи“ може буквално да прави што сака, да си игра со животите и судбините на два милиони смртници. И кога институциите се окупирани, должност на граѓанинот е да востане, а не повеќето од нивните жртви кукавички да се прават наудрени.

Има разлика меѓу граѓани и поданици.

Каква улога им оставаш на своите деца?

08 May 2015

Дали Македонија е во воена состојба?

Веќе неколку дена полицијата го ограничува правото не само на протест, туку и на движење низ делови на центарот на Скопје.

Устав на Република Македонија, Член 21:
„Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.
Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.“
Блокада на бул. Илинден и бул. Св. Климент Охридски, 07.05.2015.

  • Врз основа на кое законско овластување и чива наредба полицијата има блокирано неколку скопски булевари и не дава „пиле да прелета“? 
  • Дали претседателот или друг висок државен функционер има издадено указ со кој е прогласена воена или вонредна состојба?

25 March 2015

Препорака во врска со известување за ‪#‎бомба‬ и ‪#‎тиктактиктак‬

„Приватизирале државно земјиште што припаѓа на сите граѓани - за да си изгради шефот хациенда или замок...“
или
„Заграбиле парк-шума каде што веќе нема да смееме да се шетаме, оти ја претвориле во приватна прчија, негов личен имот...“
оти звучи поразбирливо од...
„Промена на ГУП и ДУП за пренамена на зелен појас...“
Ова последново на обичен граѓанин, особено помлад, не му значи ништо, само куп бирократски кратенки. И затоа е лесно да се релативизира.

Скица на дотичниот имот. Фото: МЕТА.мк

17 February 2015

Корумпираното судство во приказна од Марко Цепенков

Чоекот што имал од царот ферман да тепа луѓе

Во некој град отвориле муабет во некое каве неколцина чорбаџии помеѓу себе за кадијата во тој град дали зема рушвет. Поецината велеле оти не било возможно тој кадија да земат рушвет, а еден велел оти чоек да отепат стред чаршија и апс да не влези, ако даит рушвет на кадијата. Ѝ накренале зборојте, што дури најпосле ја донесле работата за да се степаат тој што велел оти кадијата зема рушвет со еден друг чоек што велел оти не зема кадијата рушвет. Првио бил многу јак и многу побогат од другиот и беше го тепал многу лошо со нозе, беше го газил до газење, пред целото каве. Откоа му се натепал богатиот, беше си ватил напреку, а тепаниот отишол на кадија и сторил давија. На часот кадијата беше пуштил музурот по тепачот да го викат за да го судит.

 - Оди кажи му на кадијата - му рекол тепачот на музурот - оти јас имам ферман од царот, со четириесе бентои, да тепам луѓе стред чаршија, така абер да имат. Да за утре можам да дојдам, и сега си имам работа, така поздрави го!

 Отрчал музурот кај кадијата и му кажал оти чоеко имал ферман да тепа луѓе стред чаршија. Коа чу кадијата тие зборои од музурат што му ѝ кажал, малку како да се уверил, ама и како да му притекнало оти рушвет ќе му давал чоеко, чунки разбрал оти бил многу богат.

 Утрото собрал кадијата мезличот и пуштил пак музурот да го викат тепачот, чунки тепаниот не му се истаал од вратата. Дошол тепачот и влегол кај кадијата, та застанал од десната страна, а тепаниот од левата страна.

 - Ти, чорбаџи, треба да застаниш од левата страна - му рекол на тепачот - а другиот чорбаџија што чинит давија да застанит оддесно, чунки таков ет усулот.

 - Вистина така је, кади ефенди - му рекол тепачот - иљаќим јас сум ферманлија, да затоа ќе стојам оддесно.

 - Ја дај да го видам ферманот - му рекол кадијата - што го имаш како ти пишуат.

 Веднаш беше извадил тепачот едно тевтерче од пазуа, завиткано во три мушами еднонадруго и му го подал на кадијата. Го зел кадијата тевтерчето в раце, гледат - многу му дотежнало, се сетил има нешто пари внатре, со усул му ѝ одвиткал трите мушами и отворил првио лис, кога гледат - една мека мамудија залепена, тогај се сетил оти рушвет му давал чорбаџијата со маривет, арно ама кадијата и тој не бил подолен во таквие маривети од чорбаџијата. Ватил кадијата ѓоа да пеит во фермано, од бентоите што биле внатре, молчејќи ѓоа го пеал, само со рилките мрдал и со глаата покажуал ѓоам пеел од бентоите и се чудел; така сите лисја од тевтерчето беше ѝ превртел и беше ѝ препеал ѓоа. Коа ’и преброил алт’ните, токмо четириесет беа биле. Го затворил тевтерчето и го бакна кадијата, та го кладе на глаа за голема чес да му стори и го завитка во трите мушами, та си го кладе в пазуа.

 - Еќикат, чорбаџи, си имал ферман од царот - му рекол на тепачот - ем тамам се четириесет бентои; Види вамо, чорбаџи - се свртел од кај тепаниот - шуќур што не те отепал наместо овој чорбаџија, чунки со овој ферман што го имал овој чорбаџија и мене да ме тепа, нема што да чинам, толку сет салам бентоите што сет пишани внатре, со турата од царот. Ем слушајте вамо и вие, мезлич-алаари - му рекол на мезличот - еве елли јашана сторив и он јаша кадија кај сум, нелер фермани сум видел, иља ваков ферман до рака не ми дошло. Фермано, чорбаџи - му рекол на тепачот - ќе остани вечерва кај мене за да му сторам кати во големиот тевтер и да му удрам муурот. Ај ој си и ти, чорбаџи, лекуј се со кромид и сол, кај што имаш модриње и чини доа оти те остаил жив овој чорбаџија. И уште еднаш со него со инат да не се заваќаш.

 Коа чу тие зборои тепаниот од кадијата, си свил опашката в газ и си излегол од мевќемето надвор. Тепаниот тепан, страменио страмен отишол и никому ништо, само на тепанио му отекол газо и му се зацрвил вратот.
Османлиски лири. Фото: Википедија.


Марко К. Цепенков. Македонски народни умотворби во десет книги, второ издание. Книга петта: Народни приказни - реалистични приказни. 378, Чоекот што имал од царот ферман да тепа луѓе. стр. 356-366. Македонска книга, Институт за фолклор. Скопје (1980).

02 January 2015

Човекот што го измамил Нерон...

Од „Аналите“ на Такит (лат. Tacitus) книга XVI, напишана 109 г.н.е. (анг. The Annals), за случувањата во 65-66 година:

Судбината наскоро направи будала од Нерон, благодарение на неговата суета и ветувањата што му ги даде некојси Цезелиј Бас, по потекло Картагинец. Тој човек со луда фантазија поверувал во еден свој сон како да е жива вистина, и го самоуверено го претставил како остварлива визија. Потоа отпловил за Рим и со помош на пари обезбедил царот да го прими и раскажал како на својот имот открил една пештера со огромна длабочина во која имало купишта злато, и тоа нековано, туку безоблични маси излиени во старо време. Всушност, тој рекол дека таму лежат тешки златни шипки, а на другата страна на пештерата се подигнати столбови од злато; големо азно, скриено со векови, кое ќе го зголеми денешното богатство. Зборувал дека благото мора да го имала скриено Феничанката Дидона, откако избегала од Тир и ја основала Картагина, од страв новиот град да не потоне во неморал од преголемото изобилство пари, или дека кралевите на Нумидија, кои веќе беа непријателски расположени од други причини, би можеле да ги поттикне на војна алчноста за злато.

Слушајќи го ова, Нерон, без да провери дали авторот или приказната воопшто заслужуваат доверба, ниту пак да прати некого да испита дали е точно тоа што го дознал, и самиот уште повеќе ја надувал приказната, па пратил луѓе да му го донесат богатството, како тоа само да стои и да го чека. Им даде триреми и екипаж посебно одбран да обезбеди брзина.  Во тие денови, само за тоа се зборувало меѓу народот, кој поверувал, додека паметните луѓе зборувале поинаку. Во исто време по втор пат беа прославувани и петгодишните игри, па ораторите од оваа приказна направија главна рема на своите говори во слава на царот. „Не само што...“ - велеа тие - „под неговата власт растат обичните насади со плодни жетви, се добива злато од рудниците, туку земјата сега ни отвора нов бериќет и боговите нему му отвораат нови ризници со готово богатство.“ На измислување такви и слични ласкања тие ги трошеа својата речитост и своето подлизурство, сигурни дека Нерон ќе им поверува.“
Паричка што го прикажува Нерон како дели донации.
Извор: CNG/Википедија
„Расипништвото во меѓувреме се зголемуваше, засилено од  нереалната надеж, па императорот ги трошеше старите богатства кои инаку ќе потраеја повеќе години. Тој дури и даваше и премногу од овој извор, додека очекувањето на тие нови богатства беше една од причините за осиромашување на државата. А Бас навистина си го имаше прекопано имотот и сакаше да копа и во соседоството, упорно тврдејќи дека на ова или на она место е ветената пештера. По него не одеа само војниците, туку и маса селани кои служеа како работна сила. Најпосле тој и самиот стана свесен за својата залуденост, па почна да се чуди бидејќи наводно до тогаш сите соништа му се остварувале, па ова било прв пат да биде излажан. За да избегне срамота и мачење, тој се самоубил. Некои писатели велат дека бил фрлен во зандана, а потоа пуштен откако му бил одземен сиот имот наместо привидното царско благо.“

На цитатов наидов благодарение на стрипот со Марти Мистерија „Дидонино благо“ (Моралес, Кардинале, Орланди).